Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, денеска најави дека ќе биде преземено сè што е потребно за да се санираат еколошките штети од пожарот во скопско Трубарево.
Меџити истакна дека Владата институционално делувала за да се справи со катастрофата и дека пожарот е изгаснат за еден ден.
„Нормално, каде што има оган од такви размери има и загадување, затоа Министерството ги ангажираше и акредитираната лабораторија и приватни лаборатории“, рече Меџити.
Тој додаде дека јавноста е транспарентно информирана за состојбата, а сега се чека да се создадат услови за да се направат сите неопходни анализи на водата и почвата. Врз основа на тие анализи, ќе бидат преземени соодветни мерки за санирање на штетите.
Пожарот во Трубарево избувна на 13 септември, кога се запали објект со непрописно складиран отпад, што предизвика масовно испуштање на чад и гасови во воздухот.