Ќосето се врати во Скопје: Споменикот повторно поставен на кружниот тек кај „Континентал“

Во текот на изминатата ноќ, на кружниот тек кај хотелот „Континентал“ во Скопје беше повторно поставен споменикот на македонскиот револуционер Андон Лазов Ќосето, кој пред шест години беше отстранет од пред Врховниот суд од страна на тогашната градска власт, предводена од градоначалникот Петре Шилегов.

Одлуката за негово враќање беше донесена од Советот на Град Скопје уште во декември 2023 година, а актуелната градоначалничка Данела Арсовска уште на почетокот од својот мандат го најави овој чекор како дел од нејзините приоритети.

„Со поставувањето на спомен-обележјето во чест на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето, оддаваме признание за неговиот неуморен дух и саможртва во борбата за слободна и независна Македонија. Ќосето е симбол на истрајноста, борбеноста и патриотизмот, вредности кои се темел на нашата држава“, информираат од Град Скопје.

Споменикот на Ќосето, кој беше еден од најконтроверзните делови од проектот „Скопје 2014“, беше отстранет во 2018 година, исто така во ноќните часови, на сличен начин како и неговото првично поставување. Сега, шест години подоцна, тој повторно се наоѓа на јавно место, овојпат на нова локација во главниот град.

Враќањето на споменикот предизвика различни реакции во јавноста, од поддршка и восхит, до критики и прашања за симболиката и приоритетите на локалната власт.