Родителите и семејствата на жртвите од трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ денеска го одржаа 20-тиот „Марш на ангелите“. Поворката се движеше низ градот, поминувајќи покрај зградата на Општина Кочани и Полициската станица, а заврши пред Основниот суд и Основното јавно обвинителство.
Барање за одговорност и транспарентна истрага
Пред Полициската станица, семејствата порачаа дека нивните деца загинале бидејќи „системот потфрли“ и дека имало „заштитници и соучесници во униформа“. Тие побараа неселективна и транспарентна истрага, како и одговор од ОЈО ГОКК за напредокот на обвинителниот акт против вработените од МВР, кои сè уште се на слобода.
Порака до судството и институциите
Пред зградата на Обвинителството, родителите нагласија дека нивната борба е во име на секое дете во државата.
„Без независен и некорумпиран судски систем, без инстант политичка одговорност, оваа држава повторно ќе ја изложи младоста на ризик. Вакви трагедии ќе се повторуваат, и тоа е најстрашното сознание“, порачаа тие.
На крајот, упатија директна порака до надлежните институции: „Нашите деца ги нема, но Вие имате обврска да ја истерате правдата! Ние, родителите, стоиме позади вас – не за да ве штитиме, туку заедно со вас да ја истераме вистинската правда и да докажете дека во Македонија постојат институции кои не се корумпирани и кои работат за граѓаните“.