21 Јуни – Денот на Охридското Езеро: Празник на природата, пријателството и заедничката грижа

Со низа културни, еколошки и уметнички настани, денеска се одбележува Денот на Охридското Езеро. Манифестацијата се организира во соработка меѓу трите крајезерски општини — Охрид, Струга и Поградец, заедно со националните асоцијации на ветераните од одбраната и безбедноста на Македонија и Албанија.

Овој ден традиционално се одбележува секој 21 јуни, откако во 2000 година беше потпишан меморандум за соработка и заедничка заштита на езерото. Целта е да се подигне јавната свест за значењето на езерото и потребата од негово зачувување, како од македонска, така и од албанска страна.

Активностите започнаа со изложба на фотографии од езерото, продолжија со еколошка акција, презентација на нуркачка опрема, подводна фотографија, регата „Заедно за иднината на езерото“ и поетско читање „Слушни го езерото“ со автори од двете држави.

На плоштадот денес ќе се одржи и музичкиот фестивал Balkan Music Square, со настапи на Дамјан Пејчиноски, Николче Мицевски, група Љубојна и Алба Дајлани од Албанија.

Свое учество имаат и ветераните од двете земји. Делегацијата од Албанија ја предводи генерал Тома Кондури, а македонската страна е претставена од професор д-р Темелко Ристески. Преку овие активности, двете страни ја истакнуваат заедничката обврска за заштита на „нашето слатководно море“.

Со својата старост и уникатен ендемичен свет, Охридското Езеро е споредливо со неколку ретки езера во светот како Тангањика, Титикака и Бајкалското. Благодарение на неговата културна и природна вредност, уште во 1980 година Охрид и езерото беа ставени под заштита на УНЕСКО.

Овој ден е потсетник дека заштитата на езерото не е обврска само на институциите, туку на сите нас.