Родителите на тешко повредените млади во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Скопје секојдневно се соочуваат со огромни трошоци за лекување, додека државната поддршка сѐ уште е недоволна и недостапна за сите, објави кочанската телевизија Канал 8.
Специјални лепенки, обвивки, креми и терапии за третман на изгореници чинат меѓу 35 и 55 евра по парче, а се потребни неколку неделно. Само за еден повреден – семејствата трошат и до 500 евра месечно, без да се сметаат патните трошоци и дополнителната психолошка поддршка.
„Државата ни вети дека барем патните трошоци и престојот додека децата беа на лекување во странство ќе ги покрие – но ништо од тоа не е остварено. Сѐ уште сами обезбедуваме сè“, вели татко на повредена девојка од Кочани.
Контролите најчесто се прават во Скопје, а не во местата на живеење. Родителите месечно трошат и над 100 евра за патувања, а дел мораа да се откажат од работа, што дополнително ја влошува финансиската состојба. Некои деца посетуваат и психолози, но таа поддршка не е покриена од државата.
Покрај физичките и финансиските битки, семејствата се и психички истоштени – некои изгубија свои деца или блиски во трагедијата и сега, без стабилна институционална поддршка, се оставени сами на себе.
Од Министерството за финансии соопштија дека од државниот буџет се одвоени околу 500.000 евра за справување со последиците од пожарот, од кои 200.000 евра за лекување во странство. Преку Црвениот крст биле собрани и над 100 милиони денари, но родителите тврдат: „Помошта е недоволна, нередовна и не стигнува до сите“.
Потресната реалност останува, додека институциите си ги префрлаат обврските, семејствата сами ја водат борбата за животот и здравјето на своите најмили.