Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, присуствуваше на свеченото одбележување на 80-годишнината од формирањето на Црвениот Крст на Република Македонија, што се одржа во Македонскиот народен театар под покровителство на претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова.
„Низ одлична театарска претстава, ја проследивме историјата на хуманата мисија на Црвениот Крст и нивните предизвици и победи низ децениите“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој истакна дека Црвениот Крст во текот на осум децении претставува симбол на надеж, солидарност и несебична помош, без разлика на времето и околностите.
„Во најтешките мигови – при природни катастрофи, социјални или здравствени кризи – Црвениот Крст секогаш е прв на терен, прв со подадена рака“, додаде градоначалникот, упатувајќи благодарност до сите волонтери, активисти и медицински тимови за нивната пожртвуваност.
Тој ја потврди поддршката на општина Кисела Вода, нагласувајќи дека ќе останат верен партнер на Црвениот Крст во сите идни хумани мисии.
„Вашата посветеност е инспирација за сите нас. Честит јубилеј!“, порача Ѓорѓиевски.