Јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија, наменет за ранливи категории на граѓани, заврши на 30 август 2025 година, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
На огласот се пристигнати вкупно 878 барања, распределени по следниве категории:
- Домаќинства со лица со тешка или длабока интелектуална попреченост: 227 барања
- Домаќинства со лица со најтешка телесна попреченост: 296 барања
- Домаќинства со потполно слепи лица: 201 барање
- Домаќинства со потполно глуви лица: 154 барања
Комисиите задолжени за обработка на пријавите веќе се во процес на разгледување. Податоците ќе бидат доставени до Министерството за социјална политика, Управата за јавни приходи и ЕВН Македонија за проверка. Финансиската поддршка ќе изнесува 1.000 денари месечно во наредните 12 месеци.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакна дека оваа мерка е „конкретен чекор кон поголема социјална заштита и еднаков пристап до основни потреби“.
Поддршката ќе се одзема од месечната сметка за електрична енергија, почнувајќи од месецот по објавата на списокот со корисници. Доколку корисникот не плати две последователни сметки, поддршката ќе му биде укината.
Министерството потсетува дека сѐ уште е отворен огласот за субвенции за инвертер клима-уреди, кој исто така е наменет за ранливите потрошувачи на енергија, со рок за аплицирање до крајот на месецот.