Татјана Димитровска, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), е една од осомничените во случајот „Адитив“ и по барање на Обвинителството доби мерка – забрана за извршување одредени работни обврски.
Од Обвинителството појаснуваат дека таа не смее да има контакт со предмети, пошта и друга службена документација поврзана со работењето на ДКСК, ниту пак има право да гласа или да распределува предмети.
Како што дополнително информираат, Димитровска е осомничена дека од мај до декември 2024 година, како службено лице, оддавала информации што се сметаат за службена тајна. Преку својот службен телефон и преку апликациите Viber и WhatsApp, таа на едно од обвинетите лица во предметот „Адитив“ му доставувала податоци за започнати постапки, отворање предмети, донесени одлуки, како и податоци за проверка на имот на обвинетиот и неговото семејство.
Овие информации, согласно член 25 и член 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и член 289 од Законот за кривична постапка, се класифицираат како службена тајна, чие незаконско откривање може да предизвика сериозни последици за институцијата и за тековните постапки.