Нови субвенции од Општина Центар: Поддршка за велосипеди, е-велосипеди и е-тротинети

Општина Центар го објави јавниот повик за доделување субвенции за граѓаните кои сакаат да инвестираат во одржлив и здрав начин на транспорт – преку купување велосипеди, електрични велосипеди, електрични тротинети и дополнителна опрема.

Право на аплицирање имаат сите жители со живеалиште во Општина Центар, а средствата ќе се доделуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“.

„Ова е можност за жителите на Центар да го променат начинот на движење – да изберат транспорт што е побезбеден, побрз и подобар за животната средина“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски. „Преку овие субвенции сакаме да го поттикнеме користењето на алтернативни превозни средства и да создадеме поздрав амбиент за сите.“

Граѓаните можат да добијат:

-30% од вредноста на превозното средство (до максимум 3.000 денари)

-Субвенција до 1.000 денари за дополнителна опрема како кациги или детски седишта

Субвенцијата е еднократна и повикот ќе трае додека не се потрошат предвидените средства.

За аплицирање потребни се:

-Копија од лична карта

-Копија од трансакциска сметка

-Фискална сметка во оригинал

Документацијата се поднесува во архивата на Општина Центар, барака бр. 6, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.

Повеќе информации можете да добиете на 02/3203-600 и 02/3203-693 или на centar.gov.mk.