Ѓорѓиевски: Следната година јас ќе бидам кум на Балаклија – голема чест и Божји дар!

Со голема радост и духовна исполнетост, градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес го прослави големиот христијански празник Источен Петок – Балаклија заедно со жителите на Црниче.

„Нека е за многу години Источен Петок – Балаклија! Другата година кумството е мое, дар од Бога за што ми е огромна чест!“, истакна Ѓорѓиевски, кој не го криеше своето воодушевување од празничната атмосфера и духовното заедништво на народот.

Овој празник, кој спаѓа во Светлата Недела и е посветен на Пресвета Богородица, е длабоко вкоренет во народната традиција. Се верува дека на овој ден таа му ги миела раните на Исус Христос, поради што водите од изворите се сметаат за лековити.

„Ова култно место во Црниче, каде се наоѓа изворот, до лани беше узурпирано. Денес е повторно вратено на граѓаните, уредено и облагородено за вистинско уживање и рекреација“, посочи градоначалникот, изразувајќи гордост за досегашната работа и заедничката посветеност со жителите на општината.

На крајот, Ѓорѓиевски упати честитки до сите верници со желби за здравје и бериќет:

„Горд сум на сплотеноста на мојот народ на ваквите денови. Македонија е богата земја, а љубовта и почитта меѓу луѓето се најголемото богатство. За многу години да ни е!“