Нова енергетска ера: Отпочнува изградбата на Интерконекторот Северна Македонија – Албанија

АД МЕПСО објави нов меѓународен тендер за изградба на 400 kV интерконекција меѓу Северна Македонија и Албанија — проект од суштинско значење за регионалната енергетска интеграција и за јакнењето на енергетската стабилност на државата. Овој тендер, реализиран во партнерство со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), претставува нов стандард за транспарентност, професионалност и квалитет во јавните набавки.

„Жалам што цели три децении немаше институционална храброст да се воспостави енергетска врска со Албанија. Денес го исправаме овој историски пропуст. Работиме водени од визија за одржлив развој, стабилни институции и доверба во капацитетите на државата да реализира стратешки проекти“, истакна генералниот директор на АД МЕПСО, Бурим Љатифи, на прес-конференцијата во Владата.

Демонстрирајќи одлучност и интегритет, актуелниот менаџмент на АД МЕПСО го раскина договорот со претходниот изведувач — Енергоинвест од БиХ — поради сериозни пропусти. „Кога дојдовме, затекнавме проект во сериозна застој: од 269 предвидени фундаменти за столбови, беа завршени само 24. И покрај исплатените 5,8 милиони евра, голем дел од средствата се вратени преку банкарски гаранции, а опремата останува наша сопственост“, појасни Љатифи.

Проектот предвидува изградба на околу 100 километри надземен далекувод од Трансформаторската станица Битола 2 до албанската граница. Вредноста е проценета на околу 17 милиони евра, финансирана преку заеми и грантови од ЕБОР и европските фондови. Рокот за доставување понуди е 45 дена, а изборот на најповолниот понудувач се очекува до третиот квартал од годинава. Изградбата треба да започне на почетокот на 2026 година и да заврши до крајот на 2027 година.

Овој интерконектор не е само изградба на инфраструктура — тој е клучен дел од регионалниот енергетски коридор Исток–Запад, кој ги поврзува Бугарија, Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Италија. Проектот ќе ја позиционира Северна Македонија како суштински енергетски јазол на Балканот, ќе обезбеди поголема сигурност на снабдување, поекономични цени и ќе овозможи стабилно учество на регионалните и европските енергетски пазари.