Владата повторно ги удри најранливите граѓани – за цели 100 евра месечно поскапе сместувањето во државните старечки домови. Од овој месец, цената за нега и исхрана на стари и болни лица во геријатриските центри е зголемена за 190 денари дневно. Доколку досега сместувањето чинело 670 денари на ден, сега се плаќа 860 денари – што значи месечен трошок од 25.800 денари, наместо досегашните 20.100.
Иако надлежните најавуваат одговор за причините дури утре, во дописот што им бил испратен на семејствата стои дека „новата цена е резултат на порастот на трошоците за живот“, како и на зголемените трошоци за храна, струја, вода и греење. Властите молчат за тоа зошто со години не преземаат мерки да ги заштитат старите лица од ваквите удари, особено кога најмногу им е потребна сигурност и грижа.
Додека цената за здравствени услуги останува симболични 10 денари дневно, сместувањето забрзано поскапува. Вакво зголемување имаше и лани во јули (за 60 денари дневно), а претходно и во јануари 2021 година (за 40 денари дневно).
Инаку, објектите во Ѓорче Петров и хосписот во Битола се единствените државни установи од ваков вид. За место таму чекаат над 100 лица, а листите за чекање се зголемуваат од месец во месец. Причината – овие установи нудат 24-часовна здравствена нега која за многумина е недостижна во приватниот сектор, каде цените се движат од 700 до 1.200 евра месечно.
Во држава каде што владините функционери се расфрлаат со луксузи, стари лица со пензии од 10.000 денари треба да преживуваат со новите цени за елементарна грижа.