Марш за правдата: Семејствата на жртвите од „Пулс“ протестираат во Скопје

Денеска во Скопје ќе се одржи протестниот „Марш за ангелите“, организиран од семејствата на настраданите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Маршот ќе започне пред Јавното обвинителство во 12 часот и 5 минути – симболично време кое го одразува чувството на задоцнета реакција на институциите.

Маршот ќе продолжи кон плоштадот „Македонија“, а ќе заврши пред Собранието на Република Северна Македонија. Организаторите бараат одговорност и транспарентност за трагедијата што им ги одзеде децата.

„Ние не сме правници и не ги разбираме законските процедури, но знаеме што е неправда. Како е можно некој да биде притворен, па веднаш пуштен, без јасно објаснување? Довербата во институциите е веќе разнишана, а ваквото однесување не води само кон разочараност – туку кон очај“, стои во нивното соопштение.

Семејствата порачуваат дека нема да престанат да бараат вистина и одговорност. Граѓаните од целата држава се повикани да им се придружат во маршот и да покажат солидарност.

Од Јавното обвинителство вчера порачаа дека на семејствата им стојат на располагање за подетални информации и дека денеска можат да остварат средба со надлежните обвинители кои го водат предметот.