Денешната говорница во Собранието повторно беше претворена во евтина сцена за манипулации и обиди за спасување на политичкиот образ од страна на министерот Панче Тошковски. Но, да биде јасно – не нè допираат неговите лажни беседи, излитени флоскули и празни оправдувања. Народот веќе одамна го прочита сценариото на селективна правда, а денешниот протест во Скопје на семејствата на трагично загинатите од Кочани е жив доказ за тоа. Тоа не е „политички театар“, тоа е крик на болка и правда што вие, господине Тошковски, упорно го гушите.
Виновниците за несреќата имаат име и презиме. И највисоко на пирамидата стоиш лично ти, Панче. Ти си тој што го урна кредибилитетот на МВР со континуирани пропусти, заташкување на случаи, непрофесионализам и нечовечност. Ти си тој што ја претвори ПУЛС платформата во симбол на неуспех, и причина за интерпелација, а не за реформа.
Ако има нешто што денеска вреска погласно од говорите на собраниската говорница, тоа е молкот на отпуштените, деградирани и понижени професионалци од МВР – раководни кадри од времето на претходната власт, кои денеска се третирани како непријатели на државата. Фрлени се во кал, расфрлани по најдолните работни места, без глас, без правда, оставени на милост и немилост од реваншизмот што лично ти го оркестрираше.
Ти не си министер за внатрешни работи. Ти си загубениот клуч на Христијан Мицкоски – клуч што не отвора, туку затвора. Затвора човечки судбини, правда, безбедност и институции. И токму затоа, токму преку тебе ќе почне распадот на оваа власт. Твојот пад е неминовен, а со тебе ќе падне и целиот ланец на ароганција, неказнивост и политичка злоупотреба.
Панчe, ова не е твој ден – ова е твој крај.
Пишува: Пикасо