Спортскиот гигант „Адидас“ предупреди дека новите американски царини, воведени од претседателот Доналд Трамп, ќе резултираат со поскапување на нивните производи на американскиот пазар, пренесе Би-би-си.
„Речиси ништо не произведуваме во САД, па новите царини неминовно ќе ги зголемат нашите трошоци“, изјави извршниот директор Бјорн Гулден. Компаниите од текстилната и обувната индустрија се особено погодени, бидејќи најголем дел од производството го имаат во Кина и Виетнам — земји што сега се на удар на зголемени царини.
Иако не прецизираше колку ќе поскапат патиките, Гулден рече дека трговската војна веќе го попречува растот на компанијата и отежнува прогнозирање на идните трошоци и побарувачката. „Не можеме да предвидиме колкави ќе бидат царините, ниту да донесеме цврсти одлуки за понатамошните чекори“, додаде тој.
Адидас и други брендови како Најк и Пума имаат големо производство во Југоисточна Азија, особено во Виетнам, кој сега се соочува со високи американски царини. Иако администрацијата на Трамп тврди дека царините треба да го вратат производството во САД, Адидас посочува дека таму недостасуваат и опрема и квалификувана работна сила за спортска обувка.
Во обид да ги ублажи последиците, компанијата забрзано извезла дел од производите пред стапувањето на царините и пренасочила дел од нарачките од Кина кон други пазари.
И покрај предизвиците, Адидас бележи силен почеток на годината: добивката во првиот квартал речиси се удвои и достигна 610 милиони евра — најдобар резултат за тој период досега. Моделите како Samba имаат огромна побарувачка, особено надвор од САД.
„Иронично, сега сме во подобра позиција бидејќи не сме толку зависни од американскиот пазар како некои наши конкуренти“, заклучи Гулден.