Трамп предизвика контроверзии со фотографија како папа за време на жалоста за Франциск

Објава на Доналд Трамп на која е прикажан облечен како папа, генерирана со вештачка интелигенција, предизвика остри реакции од италијанските и ватиканските претставници. Фотографијата беше објавена на неговата платформа „Truth Social“ за време на деветдневната жалост за починатиот папа Франциск, непосредно пред почетокот на конклавата на 7 мај.

Некои американски претставници се обидоа да го оправдаат потегот, додека медиумите во Италија и Шпанија го оценија како „навредлив“ и „непримерен“. Весникот „Република“ ја стави фотографијата на насловната страница, нарекувајќи го Трамп „патолошки мегаломан“.

Поранешниот италијански премиер Матео Ренци ја осуди објавата како срамна и навредлива за верниците. Од Ватикан, портпаролот Матео Бруни одби да даде изјава.

Одбраната на Трамп дојде од неговиот сојузник Џек Пособиец, кој ја нарече фотографијата дел од „хуморот околу папските избори“ и потсети дека Трамп неодамна се пошегувал дека би сакал да биде папа.