Поднесено обвинение против 10 лица за милионски злоупотреби во РЕК Битола

Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против десет лица поради злоупотреби поврзани со јавна набавка во РЕК Битола, со што настанала значителна имотна штета од 178.370.319 денари.

Седум од обвинетите се теретат за кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ како соизвршители, согласно член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Тие, постапувајќи спротивно на Законот за јавни набавки, нанеле директна штета на Буџетот на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола.

Покрај нив, поднесено е обвинение и против три службени лица од Бирото за јавни набавки за „Несовесно работење во службата“, согласно член 353в став 4, поради пропуштање на надзор и очигледно несовесно постапување при управната контрола на постапката за јавната набавка.

Од седумтемина обвинети во РЕК Битола, тројца биле членови на стручната комисија задолжена за евалуација на понудите за избор на фирма за ископ на јаловина. Тие ја елиминирале понудата на еден економски оператор и покрај доставените докази за техничка и професионална способност, со што постапиле спротивно на Законот.

Нивната одлука ја прифатиле и тројца членови на Комисијата за јавни набавки, кои во натамошната постапка поканиле само два понудувачи со повисоки цени.

Директорот на РЕК Битола, исто така обвинет, го прифатил ваквиот извештај и на 3 октомври 2022 склучил договор со компанијата „РУД-КОП увоз-извоз ДООЕЛ Битола“ вреден 708.000.000 денари со ДДВ. Во септември 2023 година, тој потпишал анекс на договорот со кој зголемил вредноста за дополнителни 120.000.000 денари – 20% над првичната вредност – без претходна анализа на исплатливоста и без обезбедени средства, што претставува уште едно прекршување на Законот за јавни набавки.

Во текот на постапката, по барање на Обвинителството, износот од 178.370.319 денари кој бил исплатен на фирмата РУД-КОП е замрзнат како привремена мерка за обезбедување на имот до донесување на судска одлука.