Апелациониот суд Скопје ја информира јавноста дека на нејавна седница одржана на 6 мај 2025 година, постапувајќи по предметот КСЖ-406/25, ја уважи жалбата на осомничениот А.Ј. од С. и го преиначи решението на Основниот кривичен суд Скопје.
Со оваа одлука, судот ја укина мерката притвор за осомничениот и прифати гаранција во вкупен износ од 986.540,00 евра (во денарска противвредност 132.672.235 денари), која се состои од:
– Хипотека на недвижен имот во корист на Република Северна Македонија
– Готовински износ од 72.000.000 денари, што одговара на проценетата штета за која осомничениот се товари
Дополнително, судот определи и мерки на претпазливост кон осомничениот:
– Обврска за повремено јавување кај надлежно службено лице во Основниот кривичен суд Скопје
– Привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова
При донесувањето на оваа одлука, судот го имал предвид позитивниот предлог од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје, како и мислењето на Вишото јавно обвинителство – Скопје во прилог на прифаќање на гаранцијата.
Целосната одлука со образложение ќе биде објавена на веб-страницата на Апелациониот суд, согласно Законот за управување со движењето на предметите во судовите.