Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, денеска оствари средба со претставници на неформалната младинска група „Support Kocani“.
На средбата беа претставени бројни идеи, иницијативи и проекти со цел да се врати животот во Кочани, да се спречи иселувањето и да се помогне во надминување на тешката ситуација што го снајде градот. Претставниците на групата ја искажаа својата решеност да придонесат за поддршка на семејствата на настраданите, на повредените и на сите засегнати.
„Мораме заеднички да се избориме со оваа колективна и национална загуба. Верувам дека закрепнувањето ќе биде полесно ако сме обединети, затоа што оваа трагедија нè допре сите. Изразив подготвеност да бидам покровител и активен учесник во сите значајни проекти, мерки и акции за Кочани. Го потврдив и ветувањето за доделување одликувања и признанија на најзаслужните и најпосветените – како симбол на храброст и хуманост“, истакна претседателката Сиљановска Давкова.