Тошковски: Македонската полиција е гаранција за безбедност и доверба

По повод 7 Мај – Денот на македонската полиција, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, упати честитки до сите полициски службеници низ целата држава, нагласувајќи ја нивната суштинска улога во одржувањето на јавната безбедност. Тој оддаде почит и на сите припадници на МВР кои ги загубиле своите животи во извршување на службената должност.

Министерот истакна дека во изминатиот период полицијата постигнала значајни резултати во борбата против криминалот, при што е забележано значително намалување на криминалитетот.

„Докажавме дека можеме – успешно сузбивме 14 криминални групи, од кои најголемиот дел беа поврзани со трговија со дрога. Исто така, откривме две организирани групи вклучени во висока корупција,“ изјави Тошковски.

Тој подвлече дека МВР повеќе не е затворена институција, туку активно соработува со граѓаните, градејќи доверба и транспарентност.

„Безбедноста не е привилегија, туку основа на секое стабилно општество. Без неа нема напредок, ниту економија, ниту правда,“ истакна министерот, додавајќи дека македонската полиција ќе продолжи да се развива и унапредува, останувајќи симбол на безбедност и доверба.