Официјална посета на претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ

Претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, со највисоки државни и воени почести го пречека хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој е во официјална посета на нашата земја.

По свечениот пречек, двајцата претседатели одржаа тет-а-тет средба, по што следеше пленарен состанок меѓу македонската и хрватската делегација.

Фокусот на разговорите беше ставен на билатералните односи, европската интеграција на Северна Македонија, меѓународниот поредок, амбиентот во ЕУ, како и регионалните предизвици.

Двете страни изразија задоволство од досегашната конструктивна соработка во повеќе области, потврдувајќи го долгогодишното пријателство, изградено врз основа на меѓусебно разбирање, почит и поддршка.

Во контекст на актуелните случувања во Европа и пошироко, соговорниците ја истакнаа важноста на усогласен регионален пристап во справување со безбедносните предизвици.

Претседателката Сиљановска-Давкова изрази искрена благодарност за континуираната и цврста поддршка од Хрватска за македонското членство во ЕУ, нагласувајќи ја подготвеноста за продлабочување на соработката во различни сфери од заеднички интерес.