Отворена новата детска градинка „Бајка“ во населбата Точила во Прилеп

Денеска во населбата Точила во Прилеп беше свечено отворена новата детска градинка „Бајка“, дел од Јавната општинска установа „Детски градинки – Наша Иднина“. Објектот има капацитет за над 200 деца и претставува значајно решение за долгогодишниот проблем со недостиг на простор во градинките во градот.

Изградбата на градинката започна во април 2021 година, со првичен рок за завршување од седум месеци. Меѓутоа, поради различни административни и технички предизвици, објектот беше завршен во октомври 2024 година. Советот на Општина Прилеп донесе одлука за отпочнување со работа на градинката во декември 2024 година, а таа официјално започна со работа на 12 мај 2025 година.

Градинката „Бајка“ е современо опремена според највисоките стандарди за предучилишна грижа и едукација. Во нејзината изградба и целосно опремување се вложени 133 милиони денари, средства обезбедени од општинскиот буџет. Дополнително, направени се инфраструктурни подобрувања, вклучувајќи изградба на трафостаница, ограден ѕид за безбедност, поставување на реквизити за игра, како и целосно опремување на внатрешните простории.

На свеченото отворање присуствуваа градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески, заменик-министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски, претседателката на Советот на Општина Прилеп, советници, директори на јавни претпријатија, претставници од општинската администрација, претставници од општествено одговорни компании од Прилеп, како и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ избрани од Прилеп: .

Според општинските власти, со отворањето на „Бајка“ значително ќе се намалат листите на чекање за згрижување на деца, овозможувајќи им на семејствата поквалитетни услови за предучилишно образование.

Градинката „Бајка“ е дел од стратегијата на Општина Прилеп за унапредување на детската заштита и подобрување на условите за образование во градот.