Карло Анчелоти и официјално е потврден како нов селектор на бразилската фудбалска репрезентација, пренесоа синоќа многу светски медиуми. Италијанскиот стратег ќе го преземе кормилото на 26 мај, веднаш по завршувањето на сезоната со Реал Мадрид. Со овој потег, завршува неговиот втор мандат на чело на Кралскиот клуб, со кој освои две титули во Ла Лига и три во Лигата на шампионите.
Анчелоти имаше уште една година од договорот со Реал Мадрид, но по пријателските разговори со раководството на клубот и Бразилската фудбалска федерација, беше договорен неговиот предвремен раскин. Според „Атлетика“, на крајот на април, Италијанецот ја известил управата на Реал за својата одлука, по што биле финализирани сите детали од договорот со Бразил. Неговиот мандат е предвиден да трае до завршувањето на Светското првенство во 2026 година, кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.
Шпанскиот медиум „АС“ открива дека Анчелоти ќе добива „астрономска“ плата на клупата на Бразил. Според извештаите, Италијанецот ќе инкасира 770.000 евра месечно или 9.200.000 евра годишно, што е двојно повеќе од примањата на неговите претходници Тите и Доривал Жуниор.