Полуилегално и на партиска збиранка, локалната власт на ДПМНЕ конечно ја отвори градинката „Бајка“ во населбата Точила, за чие пуштање во употреба беа потребни цели 44 месеци. СДСМ Прилеп ги поздравува дечињата кои конечно ќе имаат ново катче, но посочува на неспособноста на актуелната власт, која не успеа навремено да го реализира проектот наследен од претходната локална самоуправа.
СДСМ Прилеп обвинува дека отворањето на градинката „Бајка“ во Прилеп се случило на „шверцерски“ начин, без присуство на премиерот Мицкоски и без ниту еден претставник од првиот владин ешалон. Според нив, настанот бил затворен за јавноста и претворен во партиска збиранка на локални функционери на ДПМНЕ.
„Три генерации деца чекаа со радост да ги отворат вратите на новата градинка, но нивната надеж остана пуста желба поради неспособноста на Јовчески и негрижата на ДПМНЕ за најмладите и за граѓаните на Прилеп“, стои во соопштението на СДСМ Прилеп.
Од партијата потсетуваат дека градинката е проект на претходната локална власт предводена од СДСМ и градоначалникот Илија Јованоски, изградена со средства од општинскиот буџет во вредност од 133 милиони денари. Сепак, ниту Јованоски, ниту претставници од тогашниот Совет на општината не биле поканети на свеченоста.
„Рекле, од стравот може да се побегне – ама не и од срамот,“ додаваат од СДСМ, упатувајќи критики за начинот на кој локалната власт ја отвори градинката.
СДСМ Прилеп им посака на дечињата пријатен престој во новата предучилишна установа, изразувајќи надеж дека локалната власт ќе се заложи повеќе за најмладите и за потребите на граѓаните.