Британски пратеници бараат санкции против Вучиќ и преиспитување на односите со Србија

Дваесет и шест членови на британскиот Парламент побараа драстична промена во надворешната политика кон Србија по присуството на српскиот претседател Александар Вучиќ на воената парада во Москва на 9 мај, пренесуваат српските медиуми.

„Му испратив писмо на министерот за надворешни работи, во кое барам значителна промена во пристапот на нашата надворешна политика кон Србија, поради присуството на претседателот Вучиќ на воената парада во Москва. Писмото го потпишаа уште 25 парламентарци,“ објави на Х (поранешен Твитер) британската пратеничка Ема Левел.

Во писмото, меѓу другото, се наведува дека Србија под водство на Вучиќ ги зајакнала односите со Русија, особено како единствена земја-кандидат за ЕУ која не вовела санкции против Москва, и покрај агресијата врз Украина од 2014 година.

„Претседателот Вучиќ активно работи на дестабилизација на Косово, Босна и Херцеговина и поширокиот Балкан, со тесна соработка со режимот на Путин,“ стои во писмото испратено до британскиот министер за надворешни работи.

Пратениците истакнуваат дека за време на владеењето на Вучиќ, Србија доживеала сериозен демократски пад, со засилени напади врз медиумите, политичката опозиција и граѓанското општество, проследено со корупција и масовни протести против неговата власт.

„Настаните од 9 мај јасно покажуваат дека српската влада нема намера да ги прекине врските со Русија, додека промовира националистички идеи за ‘Голема Србија’, што може повторно да го втурне Балканот во нестабилност,“ предупредуваат пратениците.

Тие бараат британската влада да преземе целни санкции против Вучиќ, неговата администрација и соработниците, како и употреба на дипломатски мерки за да ги охрабрат сојузниците да го следат тој пример.

„Ако сега не испратиме силна порака до српската влада, ризикуваме да ја зајакнеме решителноста на режимот на Вучиќ и да дозволиме влошување на безбедносната ситуација на Балканот,“ заклучуваат британските парламентарци, изразувајќи поддршка за студентите и граѓаните во Србија кои протестираат за подобра иднина, ослободена од авторитаризам и корупција.