ДУИ: Мицкоски ја оддалечува Македонија од европскиот пат

ДУИ обвинува дека Владата на Христијан Мицкоски, поттикната од популистичкиот наратив кој ВМРО-ДПМНЕ го негуваше и во опозиција, со неодговорни политики ги загрозува европските перспективи на Македонија.

„Иако членството во ЕУ беше претставено како приоритет на новата Влада, Премиерот и неговиот најблизок круг целосно се откажаа од европското досие. Ова е повеќе од очигледно во нивните јавни настапи,“ соопштија од опозициската ДУИ.

Според интегративците, „Не само што го одбија уставното дополнување за малцинствата, туку и јавно се фалат дека успеале да ја надмудрат Грција околу преспанскиот договор, изоставувајќи го делот „Северна“ од името на земјата.“

ДУИ најавува иницијатива за постигнување консензус околу европската иднина на Македонија, но, според нив, актуелната Влада само продлабочува поделби со внатрешен „лов на вештерки“ и создавање тензии со соседите и европските партнери.

„Денес, наместо обединета стратегија за ЕУ, гледаме како Владата се расфрла со апстрактни гаранции кон Унијата, кои ние, парадоксално, ги поставуваме како услов,“ велат од ДУИ, додавајќи дека „политичката перверзија оди дотаму што никој не знае какви гаранции навистина бараме.“

ДУИ предупредува дека Владата на Мицкоски создава нов спор за името, што дополнително ја изолира земјата од европските процеси и ја втурнува во „балканска кал“.

„Македонија станува меѓународно изолирана, без билатерални средби со сојузниците, а истовремено влегува во сомнителни партнерства и бизниси. Земјава има потреба од нова политичка платформа која ќе ја врати на европскиот пат, зачувувајќи го достоинството на сите граѓани,“ заклучуваат од ДУИ.