Краткотраен испад на 110 kV преносна мрежа – АД МЕПСО експресно реагираше и го нормализираше напојувањето

Во раните утрински часови, дојде до дефект и краткотраен испад на 110 kV преносната мрежа на АД МЕПСО. Причината за прекинот се високите напони на 400 kV мрежата во целиот регион, што предизвика краткотраен испад на енергетските трансформатори 400/110 kV во трансформаторските станици.

Станува збор за регионален и европски проблем со кој се соочуваат преносните систем оператори поради нискиот транзит и конзум на електрична енергија во ноќните часови и викендите, карактеристични за овој период од годината.

Екипите на АД МЕПСО реагираа експресно и за помалку од еден час успеаја целосно да го нормализираат напојувањето со електрична енергија во државата. Работите на целосно стабилизирање на електроенергетскиот систем продолжуваат, со посветеност на обезбедување континуирана стабилност.

Дополнително, АД МЕПСО преку нови инвестиции и соработка со соседните преносни систем оператори, активно работи на зајакнување на системот, кој во минатото беше сериозно запоставен.

АД МЕПСО останува будно да ја следи состојбата и врши координација со регионалните преносни системи, со цел да обезбеди стабилно и безбедно напојување за сите корисници.