Салим Сулејмани се повлече од пратеничката и партиската функција во Алијанса за Албанците

Пратеникот Салим Сулејмани ја информираше јавноста дека поднесува оставка од сите партиски функции во Алијансата за Албанците, како и од позицијата пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.

„Со целосна морална, професионална и политичка одговорност, ве известувам дека поднесувам оставка од сите партиски функции во рамките на Алијансата за Албанците, како и од функцијата пратеник во Собранието на Република Северна Македонија,“ наведува Сулејмани во својата изјава.

Сулејмани објасни дека неговиот политички ангажман бил мотивиран од чувство на одговорност и желба за вистинска промена, а не од лична амбиција. Според него, учеството во коалицијата ВЛЕН било поттикнато од потребата за соочување со, како што истакна, неуспесите на ДУИ и злоупотребата на власта.

„ДУИ, партија која веќе две децении е дел од власта, наместо да биде достоен претставник на Албанците, се претвори во структура обвиена со лични и клановски интереси. Коалицијата ВЛЕН ја гледав како спротивставување на таа коруптивна матрица,“ изјави Сулејмани.

Меѓутоа, како што појасни, во последниот период забележал сериозни отстапувања од првичните принципи, особено по приближувањето на Алијансата за Албанците кон ДУИ во пресрет на локалните избори.

„Ова политичко сојузништво е прекршување на нашите ветувања и е недостојно претставување на Албанците. Не можам да бидам дел од сојуз што прави компромиси со луѓе кои се поврзани со меѓународни црни листи поради сериозни афери,“ истакна тој.

Сулејмани потенцира дека неговата мисија не завршува тука, туку ќе продолжи во други форми на ангажман, со цел, како што наведува, уште поефикасно да им служи на граѓаните.

„Ветувам дека многу скоро ќе ги почувствувате резултатите од мојот ангажман. Побарајте само трпение и разбирање, додека вистината не излезе целосно на површина,“ порача Сулејмани во своето соопштение.