Фудбалскиот клуб Работнички официјално ја заврши соработката со досегашниот шеф на стручниот штаб, Горан Станиќ, по завршувањето на сезоната во Првата македонска фудбалска лига. Според претходно постигнатиот договор, Станиќ ја напушта функцијата за целосно да се посвети на својата нова улога како селектор на младата репрезентација до 21 година.
Клубот изрази благодарност за неговиот придонес и професионализам во изминатиот период. Како најсериозен кандидат за нов тренер се споменува поранешниот фудбалер на Работнички, Бојан Маркоски, кој досега ја извршуваше функцијата помошен тренер. Маркоски има искуство и како помошник во АЕЛ Лимасол од Кипар, како и како в.д. тренер на Етникос Ахна во сезоната 2020/21, каде што претходно беше асистент на поранешниот селектор Чедомир Јаневски.