Дарко Крстески, сопственикот на продукциската компанија Ивент Груп, јавно излезе со сериозни обвинувања дека тој и неговата фирма се мета на организирана кампања на напади, кои траат неколку дена и кулминирале со дојава за бомба на последниот настан што го организирале – концертот на Пеџа Јовановиќ во Скопје.
„Најпрво некој се обиде да ми го запали магацинот. Потоа следуваа стотици анонимни пријави до различни институции за наводни неправилности, без никаква основа. Повеќепати на бројот 112 било пријавено дека опремата што ја користиме е небезбедна – што апсолутно не е точно“, напиша Крстески во јавната објава.
Најтежок инцидент, според него, се случил токму на концертот на Пеџа Јовановиќ, кога непознат сторител пријавил бомба, што предизвикало сериозно нарушување на јавната безбедност и паника кај присутните.
Крстески апелира до Министерството за внатрешни работи да ги пронајде и санкционира сторителите, бидејќи, како што посочува, не се работи само за напад врз него лично, туку за загрозување на безбедноста на граѓаните.
„Кој и да си, кои и да сте – Ви стојам на располагање 24/7 да го решиме проблемот што го имате со мене. Нема никаква потреба од колатерална штета!“, порачува Крстески.
Тој ги повикува сите што имаат некаква информација да ја споделат со него, ветувајќи дека ќе биде благодарен и дека ќе ја почитува довербата.
Инцидентите се сè уште под истрага, а јавноста со нетрпение очекува официјални одговори и мерки од институциите.