ВМРО-ДПМНЕ во рамки на својата изборна програма „Проект за обнова на Македонија“ најави изградба на нов Медицински факултет во Штип, со што планира да го засили здравствениот и образовниот капацитет во источниот регион на земјата. Според најавата, овој потег има цел да овозможи останување на младите лекари во земјава и подобрување на здравствениот систем преку нови генерации стручни кадри.
Покрај факултетот, партијата најавува и изградба на нов студентски дом во Штип, кој би требало да има минимум 200 легла. Ова, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, ќе ја олесни финансиската состојба на студентите и ќе овозможи подобри услови за студирање и престој.
„Создаваме можности за младите луѓе да добијат квалитетно образование и мотивација да останат во својата држава. Штип ќе стане регионален центар за медицински студии“, порачуваат од партијата.
Оваа најавена инвестиција е дел од поширока стратегија на ВМРО-ДПМНЕ за реформа и модернизација на високото образование и здравството во Македонија.