Распродадена Арена „Борис Трајковски“ за историското финале на РК Алкалоид

Ракометниот клуб Алкалоид го предизвика најголемиот интерес во својата историја – сите билети за реваншот од финалето на ЕХФ Европскиот куп против АЕК Атина, закажан за недела во 20:30 часот во СЦ „Борис Трајковски“, се целосно распродадени.

Од клубот соопштија дека поддршката од навивачите е огромна и дека атмосферата во салата ќе биде клучна за остварување на историскиот успех – прва европска титула за македонскиот клуб. Во првиот натпревар во Атина, Алкалоид успеа да обезбеди поволен резултат, што им дава реални шанси за триумф пред домашната публика.

„Продадени се сите билети за натпреварот меѓу РК Алкалоид и АЕК Атина што ќе се игра во недела во СЦ ‘Борис Трајковски’ со почеток од 20:30 часот. Вашата поддршка многу ни значи! Ви благодариме! Достоинствено да навиваме и да го поддржиме нашиот клуб во големото европско финале, на патот до европска титула!“, стои во соопштението од РК Алкалоид.

Ова финале претставува кулминација на успешната сезона за Алкaloид, кој веќе го освои и Купот на Македонија, победувајќи ги најтрофејните клубови Вардар и Пелистер.

Скопје подготвено го очекува овој историски настан, кој може да ја круниса македонската ракометна сцена со нов европски шампион.