Гарип Каба поднесе оставка од функцијата заменик-директор на Царината

Гарип Каба, заменик-директорот на Царинската управа на Република Северна Македонија и член на Алијансата за Албанците, денеска објави дека поднел оставка од својата функција. Во својата објава на Фејсбук, Каба истакна дека оваа одлука не била лесна, туку резултат на внимателно размислување и желба за нови предизвици.

„Горд сум на патувањето што го направивме заедно, на нашите заеднички напори за пофер, потранспарентна и поефикасна администрација. Имав чест да служам со посветеност и чесност, соочувајќи се со предизвици што нè направија посилни и посвесни за важноста на силните институции“, напиша Каба.

Тој изрази благодарност до Алијансата за Албанците, претседателот Арбен Таравари, како и до сите колеги и граѓани кои го поддржувале во неговата работа.

И покрај оставката на Каба и претходната оставка на Таравари од министерската позиција, Алијансата за Албанците останува дел од Владата. Вицепремиерот Арбен Фетаи изјави дека мнозинството од околу 50 функционери на партијата продолжуваат со своите обврски во институциите.