Гаши се нуди како посредник меѓу власта и опозицијата за Законот за Кочани: Подобро е да донесеме заеднички закон

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, изрази подготвеност да посредува меѓу власта и опозицијата за постигнување консензус околу Законот за поддршка на семејствата на загинатите и повредените во трагедијата во Кочани. Во интервју за ТВ24, Гаши истакна дека е важно да се донесе заеднички закон, наместо да се предлагаат различни верзии кои би можеле да создадат дополнителни проблеми.

„Мислам дека треба да седнат заедно. Не се сомневам во намерите, но подобро би било да седнат заедно министерството и владата со опозицијата да го видат законот, да донесеме заеднички закон. Вака носење две стратегии, два закони мислам дека ќе направи проблем,“ изјави Гаши.

Тој се понуди како медијатор, нагласувајќи дека секогаш кога станува збор за доброто на граѓаните и за постигнување консензус, може да се смета на него. „Навистина сакам да помогнам и имам добри релации со сите политички фактори и се трудам да бидам еден мост на зближување помеѓу политичарите и граѓаните,“ додаде Гаши.

СДСМ денеска повторно го поднесе предлог Законот за поддршка и рехабилитација на настраданите во несреќата во Кочани и на членовите на нивните семејства, сега по редовна постапка, и повика на поддршка од сите пратеници. Предлог-законот предвидува финансиска, здравствена, психолошка, образовна и социјална поддршка, вклучително и еднократен надоместок од 80.000 евра за семејствата на загинатите, како и надоместоци за повредените – зависно од тежината на повредите.