Ракометарите на АЕК од Атина пристигнуваат во Скопје со јасна цел – да направат пресврт и да ја освојат титулата во ЕХФ Европскиот куп. По поразот од 25-29 на домашен терен во првиот финален натпревар против македонскиот тим Алкалоид, грчкиот клуб се надева на историски успех во реваншот што ќе се одигра в недела во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:30 часот.
Тренерот на АЕК, Французинот Фредерик Бужан, изјави за грчкиот спортски портал „Еноси“ дека неговите избраници не патуваат во Скопје како жртви, туку со силна верба и амбиција да испишат своја историја. „Не одиме како жртви. Одиме да испишеме наша историја и да имаме помалку чувства на каење отколку во првото финале. Една седмица е доволна за да се направи промена, или да се обидеш да напишеш едно ново сценарио! Ќе се погледнеме во очи и ќе ја искористиме нашата шанса до крај“, изјави Бужан.
Грчкиот клуб ја анализирал играта од првиот натпревар со фокус на грешките во одбраната и нападот, и се подготвува да ја искористи секоја шанса за пресврт. „Четири гола во никој случај не се голема препрека. АЕК ќе мора да ја покаже својата добра натпреварувачка страна и да одигра совршена игра. Веруваме дека можеме да го постигнеме тоа“, порачуваат од грчкиот тим.
Првиот меч во Атина го следеа рекордни 7.800 гледачи, што е најголема посетеност на еден ракометен натпревар во историјата на грчкиот спорт. Но, полна сала и силна поддршка од македонските навивачи ќе има утре и Алкалоид, кој со предност од четири гола, ќе се обиде да го одбрани водството и да ја завери титулата во Европскиот куп, носејќи прв голем трофеј за македонскиот клупски ракомет по долги години.
Натпреварот се очекува да биде вистинска ракометна драма, со АЕК решен да ја надмине негативата и Алкалоид подготвен да ја искористи предноста на домашен терен за историски успех.