РК Алкалоид до навивачите: Огромна благодарност за поддршката

Ракометниот клуб Алкалоид преку официјално соопштение им се заблагодари на своите навивачи за силната поддршка на синоќешниот натпревар во СЦ „Борис Трајковски“, кој требаше да биде реванш од финалето против РК АЕК од Атина. Трибините беа преполни, атмосферата фантастична, но натпреварот не се одигра – не по вина на Алкалоид.

Како што наведуваат од клубот, грчкиот тим одби да излезе на терен и да го одигра натпреварот, поради што финалето не се одржа.

„Огромна благодарност за Вашата поддршка која ни ја дадовте вечерва. Беше убаво да се видат полни трибини, како во еден глас навиваат за нашиот клуб и даваат поддршка,“ стои во соопштението на РК Алкалоид.

Клубот информира дека е во постојана комуникација со Европската ракометна федерација (ЕХФ) околу понатамошниот исход и дека сите информации ќе бидат споделени преку официјалните канали.

„Уште еднаш, големо благодараме на сите што дојдовте во сала и му ја дадовте вашата поддршка на РК Алкалоид!“, порачуваат од клубот.