Мукаетов: Се надеваме дека ЕХФ ќе донесе одлука според правилниците

Сопственикот на РК Алкалоид, Живко Мукаетов, изрази благодарност до навивачите за нивната поддршка на неодиграниот финален натпревар против АЕК Атина во рамките на ЕХФ Купот. Во својата изјава, тој истакна дека клубот ги исполнил сите организациски барања и дека се надева на одлука од Европската ракометна федерација (ЕХФ) која ќе биде во согласност со важечките спортски правилници.

„Огромно благодарам од срце на сите кои дојдовте во СЦ ‘Борис Трајковски’ да го бодрите РК Алкалоид кон историскиот успех. Чесно, праведно, спортски и витешки пристапивме кон ова натпреварување, целосно. И клубот и прекрасната публика синоќа.

РК Алкалоид ги исполни сите барања на надлежните авторитети во поглед на сите организациски аспекти од синоќешниот настан, кој требаше да биде заокружување на една убава приказна во која е вложен многу труд, напор и ресурси.

Се надеваме на одлука според важечките спортски правилници на ЕХФ“, напиша Мукаетов на социјалната мрежа.

Натпреварот беше откажан поради одлуката на гостинскиот тим да не излезе на теренот, што предизвика разочарување кај навивачите и раководството на РК Алкалоид.