По 27 години во бегство уапсен е Ацо Боцевски – Циганот, следува екстрадиција во Македонија

По речиси три децении бегство од правдата, Ацо Боцевски, познат по прекарот Циганот, конечно е уапсен од грчката полиција во градот Катерини, јавува новинската агенција АНА-МПА.

Против Боцевски беше распишана европска потерница, откако во 1997 година во Македонија извршил убиство. Според судските документи, тој предизвикал сообраќајна несреќа, по што жртвата – 37-годишен македонски државјанин – излегла од возилото, а Боцевски ја нападнал со огнено оружје и ја усмртил. Осуден е на 15 години затвор во 1998 година, но избегал пред да започне со издржување на казната.

Во изминатите 27 години, се претпоставува дека Боцевски се криел во Бугарија и Турција, притоа успешно избегнувајќи апсење и менувајќи го својот изглед. Денес, на околу 60-годишна возраст, тешко може да се препознае според старата фотографија објавена на страницата на македонското МВР.

По неговото апсење, тој ќе биде изведен пред обвинител во Солун, каде ќе се започне постапка за негова екстрадиција во Македонија, каде го очекува издржување на затворската казна за убиство.