ЕХФ пред клучна одлука: Алкалоид заслужува титула, АЕК заслужува казна

Повеќе од 24 часа поминаа од неславното однесување на грчкиот АЕК и нивното одбивање да го одиграат реваншот од финалето во ЕХФ Европскиот куп против Алкалоид. Денеска, ЕХФ конечно треба да ја соопшти официјалната одлука за исходот на натпреварот што никогаш не започна.

Сценариото е јасно – единствена фер одлука би била службена победа за Алкалоид и прогласување на македонскиот клуб за европски шампион. Иако не на начин на кој тренерот Лазаров и ракометарите посакуваа – триумф на терен пред домашна публика – нивниот пат до трофејот е чист и заслужен. Алкалоид доминираше во текот на целата сезона, а убедливата победа во Атина беше само уште еден доказ за нивната сила.

Сите релевантни изјави од клубовите, судиите и делегатите се собрани. Сите го потврдуваат истото – одлична организација и никакви инциденти пред планираниот старт на мечот. Од друга страна, објаснувањето на АЕК дека „немало доволно навивачи“ во Скопје е срамно и несериозно – особено кога постојат видеа од нивни фанови кои престојувале во градот пред натпреварот

Овој случај е тест за ЕХФ. Доколку сака да го заштити интегритетот на спортот и да испрати јасна порака дека политиката и надворешни влијанија немаат место на ракометниот терен, тогаш мора да реагира одлучно – со признавање на победата на Алкалоид и со санкции за АЕК. Затоа што ракометот се игра на терен, не во ходници и под притисоци.