Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска повторно удри по нејзиниот колега од Чаир, Висар Ганиу, откако откри уште една нелегално легализирана зграда во оваа општина. Арсовска обвини дека токму во Чаир се случува сериозен урбанистички криминал, за кој – како што вели – нема трага во другите скопски општини.
„Во десет општини низ Скопје нема вакви случаи. Само Чаир е држава во држава каде се легализира со фалсификати. Висар, дечко, направи си муабет со себе – фалсификувани одобренија, впишани згради со лажни документи, тоа не е незнаење, тоа е криминал“, изјави Арсовска.
Таа посочи дека барањата за легализација од страна на Чаир редовно се одбивани од Град Скопје, но сепак некои објекти се појавуваат како „легални“ во Катастар – благодарение на, како што вели, фалсификувани одобренија.
„Ти си лопов и криминалчуга. Те чекам на главна каса! Ми се закануваш цело време, а сега си фатен со рацете во медот. Зградата која ја викаш дека е изградена во 2011 – уште се гради, и тоа со фалсификувани документи. Цело Скопје гледа што се случува“, истакна Арсовска.
Со ова вклучување во живо, Арсовска уште еднаш покажа дека не планира да молчи пред, како што го нарекува, урбанистичкиот криминал во Чаир, и отворено најави дека правдата ќе ги стигне сите – без оглед на функцијата.
Погледнете го видеото на следниот ЛИНК.