Жените во енергетиката повторно во фокусот – АД МЕПСО дел од панелот за родова еднаквост во Охрид

По успешниот настан во Битола, жените во енергетскиот сектор повторно беа во центарот на вниманието, овојпат во Охрид, каде се одржа панел-дискусија насочена кон поттикнување на поголемо учество на жените во техничките професии. Настанот собра инженерки, менаџерки и советнички кои ги споделија своите искуства и идеи за рушење на родовите бариери во индустријата.

Настанот беше организиран од ПРЕДА Плус Фондација во партнерство со PrimePoint Partners и Универзитетот „Св. Апостол Павле“ – Охрид, а поддржан од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Фондот за климатски инвестиции (CIF), како дел од проектот „Stakeholder Review on Gender for the ACT Investment Plan“ во рамки на програмата WOLCOT.

Панелот го модерираше Емилија Сарафска, советничка за енергетика во Општина Битола, а меѓу говорничките се истакна и Мимоза Фајдига, проектна менаџерка во АД МЕПСО, која ги сподели своите професионални искуства и ги охрабри присутните да се вклучат и да останат во енергетиката.

Публиката, составена од студенти и професионалци, активно учествуваше во дискусија за менторството, надминување на стереотипите и значењето на родово сензитивни политики. Беше подвлечено дека родовата еднаквост не е само прашање на правда, туку и неопходен предуслов за поголема ефикасност, иновации и одржлив развој во енергетскиот сектор.

 

Фото: Bitola news