Македонскиот репрезентативец Александар Трајковски повеќе нема да биде дел од Хајдук Сплит. По истекот на договорот, тој го напушта клубот како слободен агент и во наредниот период ќе се решава неговата нова дестинација.
По две сезони во дресот на Хајдук, Трајковски се збогуваше со клубот преку емотивна порака, во која изрази благодарност за поддршката и соработката, и покрај тоа што не успеа да ја заврши епизодата со шампионска круна – нешто што клубот го посакува веќе две децении.
„Овие две години ми донесоа нови искуства. Благодарен сум на сите – соиграчите, стручниот штаб и навивачите. Се надевав дека ова поглавје ќе го затворам со титула, но останува желбата Хајдук тоа да го постигне во иднина“, напиша Трајковски.
Искусниот напаѓач, кој досега настапуваше за Алборг, Мајорка, Палермо, Мехелен, Зулте Варегем, Интер Запрешиќ и Цементарница, наскоро ќе го објави следниот чекор во својата кариера.