Мицкоски: Фондацијата Конрад Аденауер е симбол на визија, храброст и демократски вредности

Фондацијата Конрад Аденауер е повеќе од партнер – таа е амбасадор на демократските идеи и сведоштво дека вредностите можат да ја надминат секоја граница и генерација, порача премиерот Христијан Мицкоски на свечениот прием по повод 25 години од работата на фондацијата во Северна Македонија.

Во своето обраќање, Мицкоски се повика на мислата на германскиот канцелар Конрад Аденауер дека историјата не се менува со зборови, туку со дела – а тие почнуваат со визија и храброст.

„Мирот не значи само отсуство на војна, туку и присуство на правда, стабилност и достоинство. Во денешниот свет, каде демократијата е под притисок, потребни се институции што стојат цврсто на идеали. Фондацијата Конрад Аденауер е токму таков сојузник“, изјави Мицкоски.

Тој потсети дека фондацијата била присутна уште во транзициските години, со обуки, јавни дебати, поддршка на граѓански организации и вложување во младите.

„Нашиот демократски пат не беше лесен – имаше и грешки и разочарувања. Но секогаш имавме партнери што веруваа во нас. Аденауер фондацијата веруваше дури и кога други се двоумеа. Денес, кога зборуваме за евроинтеграции, владеење на правото и слобода на медиуми, зад тие процеси стојат години на посветеност и визија“, рече премиерот.

На настанот се обрати и Даниел Браун, раководител на фондацијата, кој подвлече дека низ годините изградиле конструктивни и искрени односи со различни страни и остануваат посветени на поддршка на демократското општество и европските интеграции на земјава.

„Иако не сме дипломати, ние сме амбасадори на вредностите и Северна Македонија ја носиме со себе“, истакна Браун.