Бочварски предупредува: Новиот заем од 6 милијарди евра ја носи државата на раб на долговна криза

Пратеникот на СДСМ, Благоја Бочварски, остро реагираше на плановите на Владата за ново задолжување од 6 милијарди евра, предупредувајќи дека оваа одлука може да ја доведе државата до сериозна економска криза. Според него, само со првата транша од 2,2 милијарди евра јавниот долг ќе скокне на над 70% од БДП, а доколку се искористи целосната сума, долгот би можел да ја надмине психолошката граница од 100%.

„Прашање е дали државата воопшто може да го издржи овој товар“, изјави Бочварски во гостување на ТВ Канал 5, потенцирајќи дека Владата молчи за каматите и условите под кои се зема овој огромен кредит.

„Сè уште нема информации за каматната стапка, ниту за конкретните услови. Наместо инвестиција, станува збор за класичен заем што ќе го враќаат граѓаните. Недостига транспарентност и тоа сериозно загрижува“, истакна тој.

Бочварски ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека по една година власт, државата тоне. „Граѓаните осиромашуваат, цените растат, платите стагнираат, а економијата се гуши. Сега уште и нови долгови ни фалат“, додаде тој.