Чаби Алонсо уште на првиот ден како главен тренер на Реал Мадрид јасно стави до знаење дека ќе има нова фудбалска филозофија на „Сантијаго Бернабеу“. Младиот стратег не е целосно задоволен од постојниот играчки кадар и инсистира на засилувања, иако клубот веќе ги договори трансферите на Трент Александер-Арнолд од Ливерпул и перспективниот дефанзивец Хујсен од Борнмут.
Во исто време, Алонсо му доставил до претседателот Флорентино Перез листа на фудбалери на кои нема да смета во новата сезона и кои се слободни да си заминат. На таа листа се најдоа и неколку звучни имиња.
Еден од нив е левиот бек Ферлан Менди, кој поради честите повреди не успеа да ја задржи формата. Неговата позиција би ја презел 22-годишниот Алваро Карерас од Бенфика, со кого преговорите се во напредна фаза. Под знак прашалник е и иднината на Фран Гарсија, кој би можел да замине доколку пристигне солидна понуда.
Давид Алаба, 32-годишниот австриски дефанзивец, не се вклопува во тактичките планови на Алонсо и ќе има можност да си замине без никаква отштета, иако има уште една година од договорот.
Лука Модриќ сигурно си заминува по завршувањето на клупскиот Мундијал, а сè поизвесен е и заминувањето на Орелиен Чуамени. Французинот не ги оправда високите очекувања и цената од 80 милиони евра, а клубот е подготвен да го продаде доколку се појави соодветна понуда.
Во офанзивниот дел, Родриго не е сигурен за својата иднина. Иако не беше задоволен од ротациите кај Анчелоти, ниту кај Алонсо нема да има загарантирано место. Доколку пристигне понуда од најмалку 100 милиони евра, Бразилецот ќе биде ставен на трансфер-листата.
Иако Флоријан Вирц останува неостварена желба на новиот тренер, Алонсо ќе инсистира на уште еден врвен напаѓач. Во план е и поголема минутажа за Арда Гулер, кој досега добиваше ограничена шанса под водство на Анчелоти.
Сè на сè, новата ера на „Бернабеу“ започнува со цврста рака – Алонсо решително крои тим по своја мерка.