Откривањето на речиси 150 дивоградби во општина Чаир, заедно со фалсификувани легализации и манипулација со службени документи, што ги обелодени градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, е повеќе од урбанистички скандал. Ова е класичен пример за системски криминал кој, да бевме нормална држава, досега ќе резултираше со притвори и кривични постапки. Наместо тоа — молк, игноранција и политичка калкулација.
Препукувањата меѓу Арсовска и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, откриваат нешто многу подлабоко од лична или политичка нетрпеливост. Се открива корумпиран систем во кој урбанистичкиот хаос, фалсификуваните легализации и тивкото одобрување на дивоградбите станале прифатлива практика.
Чаир, како општина под директно влијание на коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата ВЛЕН, предводена од Ганиу, е вистинска илустрација за тоа како функционира “урбаната мафија” кога институциите се или соучесници или во целосна хибернација. ВЛЕН, наместо да се соочи со фактите, ја замајува јавноста со промоции на небитни „проекти“, надевајќи се дека веста ќе стивне, а јавниот притисок ќе попушти.
Во сета оваа ситуација, молкот на ВМРО-ДПМНЕ, која ги контролира клучните државни институции, е загрижувачки и срамен. Уште поголем е молкот на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој би требало прв да реагира при постоење на сериозни индиции за организиран криминал и фалсификати во службени постапки. Наместо полициска истрага — имаме политичко молчење.
Ваквиот однос на власта покажува дека законот важи селективно, а заштитата од одговорност зависи од партиската книшка. Граѓаните, пак, се оставени да живеат меѓу урбани руини, без доверба во институциите, без надеж за правда.
Доколку овој случај остане несанкциониран, Македонија само ќе го зацврсти својот имиџ на држава во која криминалот се легализира, а правдата е само збор во говорите на политичарите, Македонија ќе продолжи да биде земја во која криминалот се легализира, а правдата е привилегија на избраните.
Пишува: Пикасо