Таравари: Не ги донесовме промените што ги ветивме – вратата за заминатите засекогаш е затворена

Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, призна дека и покрај предизборните најави за промени, тие не се реализирале на начинот на кој биле ветени.

„Во 2024 година рековме дека ќе донесеме промени, но денес не можеме со гордост да кажеме дека тоа се случи. Ако прашате во царина, болници или други институции дали е подобро сега отколку пред да дојдеме, одговорот ќе биде – не“, изјави Таравари на партискиот собир во Куманово, каде што беше најавено формирање на изборниот штаб на партијата.

Настанот се одржа во присуство на бројни симпатизери и под зголемено полициско обезбедување.

Таравари најави дека Арбен Фетаи ќе биде разрешен од функцијата претседател на партискиот собраниски состав, откако пратеничката Мимоза Муса ја напушти партијата.

„Жал ми е за тие што си заминаа. Секогаш сум се трудел да ги задржам сите заедно, но тие треба да знаат дека вратата на Алијансата за Албанците за нив засекогаш останува затворена“, рече Таравари.

Во својот говор, тој упати остри критики до оние кои, според него, останале во власта водени од лични интереси.

„Едниот што беше во контакт со ДУИ сега тврди дека не сака да соработува со нив. Останатите нека продолжат да земаат плата до октомври – потоа ќе има целосна промена. По локалните избори, ќе се соочиме со нова политичка реалност. Оние што си заминаа беа сателити и кога дојдоа. Во ноември некој ќе си ги спакува куферите, а со нас ќе останат само тие што веруваат во нашата визија“, порача Таравари.