Муцунски во Вашингтон оствари средба со државниот секретар на САД, Марко Рубио

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес во Вашингтон оствари билатерална средба со државниот секретар на САД, Марко Рубио.

На средбата беше потврдена цврстата соработка меѓу Северна Македонија и САД, заснована на заеднички вредности, политички интереси и долгогодишно пријателство. Муцунски ја нагласи посветеноста на македонската влада за унапредување на политичкиот дијалог, институционализирање на стратешкото партнерство и спроведување на заеднички Акционен план.

Двајцата соговорници разговараа и за можноста за унапредување на економските односи, со акцент на намалување на тарифите и можноста за почеток на процес за потпишување Договор за слободна трговија. Министерот ја потенцираше отвореноста на Македонија за привлекување американски инвестиции и засилување на присуството на американски компании во земјата.

Се дискутираше и за безбедносната соработка во рамки на НАТО, при што беше подвлечено дека земјава останува кредибилен сојузник со вложувања над 2% од БДП во одбранбениот сектор. Особено внимание беше посветено на стабилноста на Западен Балкан.

Муцунски изрази благодарност за континуираната поддршка од САД и посочи дека стратешкото партнерство ќе се продлабочува со уште поголема динамика.

„Ја завршуваме посетата на САД со значајна средба со државниот секретар Марко Рубио. Потврдена е нашата силна стратешка поврзаност, заедничката заложба за стабилен Балкан и поддршката за евроинтеграциите. Од Рубио добивме уверување дека САД ја гледаат Македонија како значаен фактор за стабилноста во регионот. Разговаравме и за следните чекори во рамките на Стратешкиот дијалог, како и за засилена поддршка во реформските процеси, борбата против корупцијата и владеењето на правото“, изјави министерот Муцунски по средбата.