Пендаровски: Македонија и Велика Британија сѐ уште без вистински стратешки договор

Поранешниот претседател Стево Пендаровски ја отфрли информацијата дека Македонија и Велика Британија склучиле договор за стратешко партнерство, појаснувајќи дека документот што е ратификуван не претставува таков тип на договор.

„Тоа што ни е дадено на увид и што беше ратификувано во средата попладне не е договор за стратешко партнерство“, изјави Пендаровски за Дојче Веле.

Според него, станува збор за документ кој повеќе наликува на меморандум за соработка или почетна изјава за намери, во која двете влади идентификуваат четири области за потенцијална соработка.

„Не станува збор за ништо стратешко. Се работи за кредитирање на проекти кои допрва ќе бидат дефинирани – пред сè инфраструктурни – со финансиска поддршка од британска страна“, објаснува Пендаровски.

Тој додава дека во иднина е можно да се постигне вистински договор за стратешко партнерство, но моменталниот документ, како што вели, „нема врска со никаква стратегија“.

„Ова е само начелен договор за започнување на разговори за тоа што ѝ треба на Македонија за кредитирање“, заклучува поранешниот претседател.