Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, остро реагираше на социјалните мрежи обвинувајќи го поранешниот градоначалник на Општина Чаир, Висар Ганиу, за сериозни неправилности во врска со бесправна градба и манипулации со службени документи.
„Лик како Вики Ганиу би требало да добие грант од Фонд за иновации, кога веќе не добива кривична пријава за над 150 противзаконски и опасни дивоградби кои ги кеширал“, напиша Арсовска.
Во објавата, таа обвинува дека одредени згради, кои очигледно се изградени неодамна, биле заведени како да се постоечки објекти од пред 2011 година. За да го поткрепи ова тврдење, Арсовска посочува на сателитски снимки од 2023 година, достапни преку Катастар, на кои на спорната локација не постои никаква градба. Спротивно на тоа, на денешната сателитска снимка јасно се гледа новоизграден објект.
„Јавното обвинителство не гледа никаков проблем зграда изградена сега да биде заведена како објект изграден пред 2011 година, иако официјалната снимка на Катастар од 2023 година покажува дека таму немало ништо“, изјави таа.
Арсовска алармира дека постои ризик докази да бидат уништени:
„Очекувам Катастар-системот да падне, а доказите кои се во Општина Чаир да бидат уништени. За тоа имавме информации и јавно ги објавивме со докази, но никој не оди во Чаир за тие докази да ги обезбеди.“
Градоначалничката апелира институциите конечно да реагираат:
„Или Вики да добие кривична пријава за фалсификување документи и овозможување бесправна градба, или да добие грант од Фондот за иновации за неговиот изум – патување низ времето.“
Останува да се види дали надлежните институции ќе ги разгледаат обвинувањата и ќе преземат конкретни чекори во насока на утврдување на вистината и почитување на законот.